Претставници од Стопанската комора за трговија и индустрија Сакариа од Турција, остварија средба со градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски и изразија интерес за отворање претставништва во iндустриската зона-Новаци и производни капацитети од лесна незагадувачка индустрија.

Градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски смета дека индустриската зона-Новаци има голем потенцијал и дека странските инвестиции ќе донесат и нови пријатели.

-На гостите од Турција им ги претставив можностите за инвестирање во Општина Новаци, во нашата Индустриска зона за која ќе обезбедиме урбанистичка документација и подготвена инфраструктура, изјави Стевановски.

Инвеститорите од Турција како што рекоа се со потекло од Битола, Прилеп и од Дебар и истакнаа дека сакаат да го поттикнат локалниот економски развој на ова поднебје.

-Местоположбата на Општина Новаци е интересна особено близината со грчката граница, лесниот пристап до пристаништето во Солун, нешто што нас како инвеститори и бизнисмени кои сакаме производството да го прошириме кон Европа ни е многу важно. Сакаме да отвориме производни погони за земјоделски машини, каучук, пластични шишиња, железарија, контејнери за превоз, камп приколки и друга индустрија која не загадува за што првично ќе ни се потребни парцели кои ќе зафаќаат површина од околу 10 хектари, изјави Ахмет Копрулуоглу, сопственик на компанија за каучук, трговија и рециклирање Атaлас Каучук.

За време на посетата на Новаци, гостите најавија можност за соработка и збратимување со Адапазари град кој брои 1,2 милион жители како и посета и соработка со Црвената полумесечина и го поканија градоначалникот Стевановски напролет да ја посети Стопанска kомора Сакариа во која членуваат 6.000 фирми со 35 различни области на делување, како и индустриска зона Адапазари која се наоѓа во близина на Истанбул.