Руските власти денеска го додадоа Пјотр Верзилов, истакнат член на протестната група „Пуси Рајот“, на владината листа на барани лица, како најнов потег за притисок врз опозициските активисти и независните медиуми.

-Името на Верзилов се најде на списокот на барани лица на руското Министерство за внатрешни работи бидејќи на властите не им го пријавил канадското државјанство, изјави неговиот адвокат Леонид Соловјов.

Верзилов, издавач на независниот портал „Медиазона“, во септември беше назначен за „странски агент“, заедно со порталот и главниот уредник Сергеј Смирнов. Станува збор за контроверзна одредба воведена за организации или лица кои, според Москва, се финансираат од странство и се занимаваат со „политички“ активности во Русија.

Адвокатот Соловјов за Тасс изјави дека на Верзилов не му се заканува затворска казна за кривичното дело непријавување друго државјанство и дека доколку биде прогласен за виновен, може да му биде одредена казна или да му се даде општокорисна работа.

Од 2014 година, Русите кои нема да пријават дека имаат друго државјанство може да добијат парична казна до 200.000 рубли (2.770 американски долари) или до 400 часа општествено корисна работа.

Во последните месеци, владата класифицираше голем број независни медиуми и новинари како „странски агенти“ и изврши претрес во домовите на неколку истакнати новинари.