Бугарија се одлучи за промени и за порешителна борба со криминалот и корупцијата, но дали тие ќе бидат доволни за конечно формирање политичка влада, со силно парламентарно мнозинство зад себе, допрва ќе треба да се види. Според бугарската Централна изборна комисија, изненадувачки победник на неделните избори е партијата на новите ѕвезди на бугарското политичко небо, двоецот Кирил Петков и Асен Василев, од „Промените продолжуваат“. Зошто изнендувачки? Затоа што сите предизборни анкети солидна предност и даваа на партијата ГЕРБ на доскорешниот и долгогодишен премиер, Бојко Борисов, а харвардската двојка беше меѓу втората и третата позиција, тркајќи се со БСП. Меѓутоа, на крајот „Промените“ излегоа како сигурен победник со 25,65 отсто од гласовите на избирачите, пред ГЕРБ со 22,80 отсто. Изнендување е што БСП падна на четвртото место со само 10,26 отсто, заостанувајќи зад партијата на бугарските Турци -ДПС која оствари солидни 12,92 отсто за третото место. Најголемиот губитник на овие избори е „јулскиот победник“ – „Има таков народ“ на Слави Трифонов со освоени само 9,52 отсто од гласовите , додека шеста е „Демократска Бугарија – обединување“ за која гласаа 6,34 отсто.

Неделните предвремени, трети парламентарни избори во рок од седум месеци, покажаа дека политичката стратификација на и онака поделеното бугарско општество останува, горе-долу, на истите позиции.

Стравувањата се дека и овој пат тешко ќе може да се состави политичка влада, иако вчера, заедно со големиот број оставки на лидерските позиции во партиите што не освоија очекуван број гласови, се погласно можеше да се слушне дека постои подготвеност партиите кои условно важеа за протестни или партии за промените, да ги надминат разликите, суетите, желбите и да застанат зад најверојатно идниот мандатар и премиер Кирил Петков, во обидот конечно да го прекршат бугарското општество кон посакуваните промени и потребните реформи и борба со криминалот и корупцијата. Зошто доколку Петков и Василев не успеат да состават влада, а ГЕРБ како второпласирана нема никакви шанси за коалицирање со некоја партија од промените, освен евентуално ДПС, што е недоволно за мнозинство, тогаш на Бугарија најизвесни ќе и се нови, четврти избори, во што е можно покус рок. А тоа, значи уште подлабока политичка криза и продоложување на мандатот на техничката влада, се разбира, доколку во вториот круг од претседателските избори, в недела, победи актуелниот претседател Румен Радев.

Затоа сега на Бугарија и се потребни трезвеност и прагма. Потребна и е широк консензус за парламентарна и владина коалиција, која ќе треба да ги донесе потребните нормативни новини за реално инсталирање на промените во земјата.

Први го „пробија мразот“, социјалистите кои, според членот на извршниот одбор, Иван Ченчев, најверојанто ќе го сменат својот досегашен ригиден став да не разговараат со партиите за промени во Бугарија и овој пат ќе се обидат да ги усогласат својата со програмата на победничката партија на Петков и другите партии за промени.

За очекуваната кандидатура на Кирил Петков за иден премиер на Бугарија, Ченчев кажа дека неговото барање одговара на тоа на БСП за исполнување на очекувањата на народот. Тој додаде дека за БСП не се важни имињата на министрите и позициите, туку политиките и програмите на партиите треба да бидат толку блиски за да се најде излез од кризата. Тој ги издвои пензиите и здравството како приоритет во законодавната дејност на БСП. БСП нема да учествува во преговорите со ГЕРБ и ДПС, додаде Ченчев.

Лидерот на Движењето за права и слободи (ДПС), Мустафа Карадај, кој беше и претседателски кандидат на Бугарија на изборите, искоментира дека доколку новите партии предложат влада, тие како партија безусловно ќе ја поддржат, без да учестваат во преговорите.

Според Карадај, ДПС може подеднакво да разговара со сите партии и коалиции во Народното собрание на Бугарија. Тој додаде дека ДПС на овие избори има подобри резултати од претходните две гласања – во април и во јули.

Бугарскиот претседател Румен Радев уште вчера утро изјави дека во најскоро време ќе ја закаже седницата на новото 47. Народно собрание, веднаш откако ќе бидат објавени имињата на новите пратеници. Тој, исто така, изрази надеж дека бугарските партии ќе ги надминат разликите во име на заедничката иднина и ќе имаат стабилно мнозинство. За него, победата на партијата „Промените продолжуваат“, носат шанса и надеж.

Тој смета дека битката за зајакнување на државноста не е завршена и ги повика сите бугарски граѓани кои сакаат да живеат во достоинствена и модерна Бугарија да излезат и да гласаат за промената да биде неповратна.

Ден по изборите, откако се утврдија сите факти и бројки со гласањето, следеа серија од оставки на лидери или видни поединци од партиите губитници. Заради лошите изборни резултати вчера оставки на своите функции поднесоа Атанас Атанасов лидерот на „Демократи за силна Бугарија“ и неговиот коалициски партнер Христо Иванов од „Демократска Бугарија“, кои заедно како коалицијата „Да, Бугарија“, осовија само 6,34 отсто.

Оставка поднесе и Кристијан Вагенин, претседателот на Националниот изборен штаб на БСП, партијата која заврши како четврта со малку над 10 отсто од гласовите, губејќи уште дополнителни неколку проценти од изборниот резултат постигнат на последното изборно пребројување во јули. Тоа што е уште понагласено во БСП е се поголемиот внатрешен отпор кон лидерката Корнелија Нинова, за која на социјалните мрежи и веројатно и во партиските структури, се погласно се бара да го следи примерот на Вагенин.