Пленарната седница на албанскиот парламент, на која на дневен ред е Предлог-буџетот за 2022 година, беше прекината по жешката дебата преполна со обвинувања меѓу демократскиот пратеник Ервин Салијањи и социјалистот Ерион Браче, која можеше да премине во физичка пресметка доколку не реагираше обезбедувањето.

Салиањи го обвини Браче дека бил вмешан во криминал и оти се „појавил во прислушуваните разговори на Резарт Тачи извршено од италијанската антимафија“, што тој категорично го негираше.

Тој исто така го навреди нарекувајќи го кученце, по што Браче итно побара почитување на етиката и избегнување на навреди. По оваа расправа и моментот пред физичка пресметка реагираа припадниците на Националната града, кои се задолжени за безбедноста во законодавниот дом, по што седницата беше прекината.

За потсетување албанското специјално јавно обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, откри шема за перење пари во рамките на структурирана криминална група, дел од која биле и нафтениот тајкун Резарт Тачи и неговите луѓе, како и двајца италијански и еден швајцарски државјанин.

Според СПАК во текот на првично спроведените истраги во врска со оваа кривична постапка изречена е мерка заплена за паричен износ од 18.399.941,50 евра, а по нафтениот тајкун Тачи распиша потерница.

Инаку, и во текот на денешниот, втор ден од маратонската седница на која се расправа за Предлог-буџетот за 2022 година имаше жешка дебата меѓу владејачките социјалисти и опозициските демократи.

Буџетот за следната година е проектиран на 5,2 милијарди евра и предвидува амбициозно ниво на приходи од околу 4,4 милијарди евра и дефицит од околу 800 милиони евра

Владата очекува економијата следната година да достигне раст од 4,1 отсто, а предвидува намалување на јавниот долг на 78,9 отсто од БДП.