Русија денеска соопшти дека успешно тестирала оружје, кое за цел имало стар руски сателит, и ги отфрли критиките на САД, Велика Британија и НАТО дека тестирањата се опасни за вселенските летала во орбитата.
Американските власти рекоа дека тестирањето спроведено во понеделникот создало поле за отпад во орбитата што ја загрозува Меѓународната вселенска станица (ISS) и ќе биде закана за вселенските активности со години.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени дека тестирањето било непромислено, дека заканата за ISS и кинеското летало во орбитата и оти тоа покажува дека Русија развива нови системи на оружје.
Портпаролот на британската влада го осуди тестирањето и ја повика Москва да се приклучи на дискусиите во ОН за „одговорно однесување кога е во прашање вселената“.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека отпадот од тестирањето не е закана за ISS и дека Вашингтон го знае тоа.
„Министерството за одбрана на Русија успешно го спроведе тестот на 15 ноември насочен кон руското вселенско летало „Целина-Д“ кое е надвор од употреба и е во орбитата од 1982 година“, се вели во соопштението на Министерството.
Министерството забележува дека САД, Кина и Индија веќе спроведоа слични тестирања.
Русија посочува дека е принудена да ги зајакне своите одбранбени капацитети бидејќи и САД вршат тестирања на оружје и формираа вселенски сили во 2020 година.
Москва нагласува дека со години се залага за договор за прекин на употребата на оружје во вселената, но Вашингтон и неговите сојузници го блокираа тоа во ОН.
Претставници на НАСА утре ќе побараат да разговараат за тестирање на антисателитско оружје, за време на посетата на Москва, изјави денеска директор на НАСА.