Градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски денес го објави новиот концепт на пишување на буџетот на Општина Гази Баба за 2022 година под мотото "Граѓаните пишуваат буџет" во кој граѓаните на Општина Гази Баба ќе имаат активна улога.
За новиот концепт, Градоначалникот Стефковски информираше на официјалната фејзбук страна на која напиша:
Нов концепт на пишување на Буџетот на општина Гази Баба за 2022 година. "ГРАЃАНИТЕ ПИШУВААТ БУЏЕТ"
"Почитувани граѓани,
Од оваа година како градоначалник на општина Гази Баба воведувам нов концепт на пишување на Буџетот на општината за 2022 година во кој Вие граѓаните ќе имате активна улога.
За таа цел од утре 17.11.2021 година (среда) до наредната среда 24.11.2021 година во временски период од 09 до 15 часот секој граѓанин ќе има можност во просториите на Месните и Урбаните заедници, како и на едношалтерскиот систем во општината да потполни анкетен лист во кој ќе предложи идеа или проект кој смета дека треба да биде дел од Буџетот на општината за следната година. Истовремено сите граѓани имаат можност своите идеи и проекти да ги достават и електронски на емаил адреса: gradonacalnik@gazibaba.gov.mk
Сите пристигнати идеи и проекти ќе бидат разгледани. Граѓаните го полнат буџетот и тие ќе определат за што ќе се трошат нивните пари."