Косовските власти протераа денеска четворица руски државјани, кои вчера биле приведени под сомнение дека од Србија влегле во Косово, на тој начин што нелегално ја преминале границата меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Основното обвинителство во Митровица објави дека против двајцата мажи и двете жени од Русија е поднесено обвинение за „неовластено преминување на границата” и за истите е издаден налог за протерување од Косово.

Косовската полиција претходно вчера објави дека во селото Јелакце, општина Лепосавиќ, во северно Косово, област населена со мнозинско српско население, запрела „сомнително возило „Опел Астра“, со странски регистерски таблички, во кое се наоѓале четири лица, кои преку алтернативни патишта илегално влегле во Косово“.

Четворицата руски државјани биле приведени, по што им е одреден 48-часовен притвор, а денеска е наложено и нивно протерување од државата.