Најмалку еден човек загина во најновото невреме што ја зафати Сицилија.
Еден човек загина во торнадо денеска претпладне во општината Модика, во јужниот дел на италијанскиот медитерански остров, соопшти противпожарната бригада на Твитер.
Првичната истрага покажа дека човекот излегол надвор бидејќи се плашел дека невремето му го оштетило домот, јави новинската агенција АНСА. Но, откако излегол од куќата, го зафатило торнадо и го убило.
Како што беше случај неколку пати во последните недели, Сицилија повторно е зафатена од бури со обилни дождови и силни ветрови.
Од вторникот долж брегот на островот се формираат торнада кои предизвикуваат страв кај жителите на островот. Многумина од нив објавија снимки од торнада на интернет.
Покрај тоа, забележан е силен град и поплави. Кон крајот на октомври три лица загинаа во поплавите во близина на Катанија во источна Сицилија.