По грозоморниот чин што се случи во селото Грецал кај Фиер, кога сосед киднапирал, убил и го закопал во дворот осумгодишниот син на соседите, што ја шокираше албанската јавност, се погласни се барањата за враќање на смртната казна во земјата.

Токму ова прашање беше едно од оние на кои новинарите побараа одговор од премиерот Еди Рама, кој рече дека враќањето на ваква пресуда не е ниту можно, ниту е волшебно стапче за да се спречат вакви настани кои се случуваат во сите општества.

Додаде дека ја разбира оваа реакција на „многу екстремни емоции во моментот од значителен дел од општеството“, но прашањето за смртната казна е прашање кое одамна е оценето како цивилизациско прашање.

-Имаше долг процес во решавањето на ова прашање кога беа преземени чекори за укинување на смртната казна, кои јасно кажаа дека не само во морална, туку и во практична смисла, смртната казна не ги прави неизбежни за општествата ваквите настани. За жал, општествата, дури и во поразвиените земји, имаат вакви суштества кои можат да одат до најекстремните манифестации на она што останало од животното во човечкото битие. Враќањето на смртната казна не е ниту можно, ниту е волшебно стапче за да се спречат вакви настани да се случат во сите општества, одговори Рама.

Тој не ја исклучи можноста за преиспитување на законската регулатива за зголемување на висината на казната, за што, како што рече ќе се бара мислење од граѓаните. Рама не даде многу детали, но јасно стави до знаење дека случаите на криминалци кои се ослободени и извршиле повторени кривични дела ќе бидат јавно објавени, а коавтори во нив се „корумпирани и дегенерирани судии“.

Телото на малиот Матео Васиу, е предадено на семејството, по обдукцијата, во која е потврдено дека Клодиан Чаламани (38), го усмртил со повеќе удари со лопата во пределот на главата. На местото во училиштната клупа неговите другарчиња денеска имаа поставено букет цвеќе.

Последната смртна пресуда во Албанија е извршена на 25 јуни 1992 година, кога во центарот на градот Фиер беа обесени браќата Јосиф и Дритбард Чуко од селото Либофш, кои беа осудени за повеќекратно убиство, случај познат како „Масакрот во Либофш“.

Тие ноќта на 29 мај 1992 година при обид за кражба во куќата на семејството Путо во споменатото село убија пет лица, мајка,татко, син, снаа и нивната осуммесечна ќерка.