Повеќе од 50 000 полицајци денеска беа распоредени во Атина, каде илјадници лица се собраа на митинг за одбележување на годишнината од крвавиот бунт против диктатурата.

Во претходните години, насилството вообичаено беше обележје на годишниот марш до американската Амбасада, додека групи анархисти меѓу демонстрантите ја напаѓаа полицијата.

Денешниот собир се одржува и покрај ограничувањата поврзани со пандемијата на коронавирусот.

Во 1973 година тогашната полиција употреби сила врз продемократските демонстранти, предводени од студентите на Политехничкиот универзитет во Атина. Притоа полицијата пукаше врз невооружените демонстранти во близина на Политехничкиот универзитет, лоциран во центарот на главниот град, а воен тенк упадна во портите на комплексот зад кој се собраа бројни студенти.

Се верува дека тогаш беа убиени најмалку 20 студенти, иако никогаш не се дозна точниот број на загинати во настаните во ноември 1973 година. Една година подоцна падна воената диктатура, иако диктаторите беа заменети со уште построг воен режим.

Од 1974 година, секоја година главно левичарски демонстранти маршираат до американската Амбасада во Атина, бидејќи се смета дека тогашен официјален Вашингтон го поддржуваше екстремно десничарскиот воен режим.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска на Твитер порача дека востанието ја зајакнало секојдневната посветеност на земјата за обезбедување демократија.