Од 1 декември во Шведска ќе биде задолжителна здравствена пропусница за настани во затворени простории со повеќе од 100 луѓе, соопшти денеска шведската Влада.
Таа нордиска земја претходно одлучи од 1 ноември да не ги тестира целосно вакцинираните против Ковид-19, дури и оние со симптоми, но се откажа од таа одлука откако наиде на критики во јавноста.
– Иако сега има малку новозаразени луѓе во Шведска, за разлика од многу европски земји, земјата не е изолирана од остатокот од светот, истакна министерката за здравство Лена Халенгрен на денешната прес-конференција.
Задолжителниот сертификат за вакцинација, претходно препорачан од јавното здравство, ги исклучува најмладите, а владата допрва треба да одлучи помеѓу прагот од 16 или 18 години.
Мерката не е задолжителна, објаснува владата, но организаторите на настани со повеќе од 100 луѓе кои нема да ја применат би можеле да се соочат со други построги мерки. Засега оваа мерка не важи за рестораните и кафулињата.
Во кризата со коронавирус, Шведска се одвои од остатокот од светот со тоа што не воведе карантин и применуваше стратегија на препораки наместо присилни мерки, со ограничена употреба на маски на јавни места.
Законот дозволува сертификат, но тој се користи само за меѓународни патувања.
Шведска ги укина речиси сите ограничувања за ковид-19 кон крајот на септември, бидејќи нејзината програма за вакцинација напредуваше и преовладуваше добра епидемиолошка ситуација.
Земјата во моментов има стапка на инциденца од 85,8 случаи на 100.000 жители во изминатите 14 дена, што според Светската здравствена организација е една од најниските стапки во Европа и далеку пониска од соседите на Норвешка и Данска, кои имаат зголемување на случаи.откако укинаа поголем дел од мерките.