Филипини денеска ја обвинија кинеската крајбрежна стража дека употребила водени топови против филипинските бродови во Јужно Кинеско Море.

Шефот на филипинската дипломатија Теодоро Локсин на Твитер напиша дека кинеската акција е „илегална" и ја осуди забраната за премин на филипинските бродови, кои ги снабдуваат филипинските војници во Јужно Кинеско Море.

Локсин истакна дека нападнатите бродови се цивилни и го повика Пекинг да се повлече.

Кина полага право на речиси цело Јужно Кинеско Море, кое е богато со природни ресурси.

Филипини, Малезија, Бринеи и Виетнам оспоруваат дел од кинеските барања во подрачјето, што е клучно за поморскиот пат на светската трговија.