Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека кинеското тестирање на хиперсоничната ракета во текот на летото предизвикало „загриженост“ поради зголемената способност на Пекинг, но дека не би го споредил со руското лансирање на првиот вештачки сателит во светот Спутник I во 1950-тите.
– Ова се термини што не би ги користел, не ги користам лично, им рече Остин на новинарите на прашањето дали лансирањето на 27 јули е „Спутник момент“, пренесува денеска Гласот на Америка.
Остин ја нарече Кина „предизвик за американската војска“, но додаде дека САД се фокусирани на „робусна способност ширум светот“, наместо на една специфична способност како што е хиперсоничното оружје.
Иако кинеското оружје ја промашило целта за неколку километри за време на тестирањето, според Фајненшл тајмс, тој тест бил првиот случај една земја да испрати хиперсонично оружје целосно околу Земјата.
Хиперсоничното оружје се движи со брзина пет пати поголема од звукот и е неверојатно тешко да се следи.
Кина негираше дека тестирала хиперсонична ракета, велејќи дека тестирала вселенско летало за повеќекратна употреба.