Постојаниот секретар на бугарското Министерство за надворешни работи Иван Кондов денеска ја повика на средба амбасадорката на Турција во Софија Ајлин Секизкек поради „мешање на Турција во парламентарните и првиот круг од претседателските избори“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на средбата, бугарската страна изразила очекување турските институции на вториот круг од претседателските избори в недела категорично да се воздржат од пропагандни акции и политички пораки поврзани со изборниот процес во Бугарија.
Двајцата соговорници разговарале за случаи на ангажирање функционери, турски политички лидери, иселенички организации и медиуми во кампањата, како и повиците во Турција да се гласа во корист на Движењето за права и слободи во Бугарија.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Бугарија Бојко Рашков денеска на прес-конференција изјави дека сите го виделе однесувањето на некои претставнички тела во Турција пред првиот круг од претседателските избори во Бугарија. Тој го оквалификува тоа како мешање во внатрешните работи на Бугарија.
Рашков изјави на турска локална телевизија на 9 ноември било кажано дека на изборите во Бугарија има турски претседателски кандидат и дека има повици до бугарските граѓани кои живеат во Турција масовно да одат да гласаат.