Здравствените работници на Косово идниот четврток, на 25 ноември, ќе стапат во предупредувачки осумчасовен штрајк, со барање за итна средба со премиерот Албин Курти, со цел да се разгледаат нивните брања за подобрување на положбата во која се наоѓаат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според денешното соопштение на Управниот одбор на Федерацијата на здравствени синдикати на Косово, главно барање на здравствените работници е вклучување на Синдикатите во изготвувањето на нацрт-законот за плати, негово што поскоро процесуирање во Собранието и имплементација на истиот од 2022 година.
Освен со Курти, здравствените синдикалци бараат средба и со министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, кој ја води владината работна група за изготвување на законот, како и со министерот за здравство, Рифат Љатифи, кој на функцијата беше именуван пред два дена.
Федерацијата на здравствените синдикати предупреди дека „штрајковите и другите синдикални дејствија ќе бидат постојани доколку Владата и другите релевантни инстанци не рефлектираат“ во врска со нивните барања