Централната изборна комисија во Бугарија ја одобри распределбата на мандатите во 47. Народно собрание.

Партијата на двајцата поранешни привремени министри, Кирил Петков и Асен Василев „Промените продолжуваат“ добива 67 пратенички места и ќе ја има најголемата пратеничка група.

Като што пренесува дописникот на МИА од Софија, втопропласираната партија на експремиерот Бојко Борисов – ГЕРБ, заедно со својот коалициски партнер СДС ќе имаат 59 пратеници. Движењето за права и слободи ќе има 34 пратеници, Бугарската социјалистичка партија 26, а партијата на ТВ водителот Слави Трифонов „Има таков народ“ ќе има 25, додека „Демократска Бугарија“ – 16 пратеници, а најмал број пратеници ќе има популистичката „Препород“-13.

Во недела ЦИК на Бугарија треба да ги соопшти и имињата на новите пратеници.

Дописникот на МИА од Софија потсети дека врз основа на 100 отсто од обработените изборни протоколи „Промените продолжуваат“ освои 25,67 отсто од гласовите на бугарските избирачи, ГЕРБ-СДС – 22,74 отсто, ДПС – 13 отсто, „БСП за Бугарија“ – 10,21 отсто, „Има таков народ „- 9,52 отсто,“ Демократска Бугарија „- 6,37 отсто и „Препород“- 4,86 отсто.