Адвокатот на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој веќе седум недели штрајкува со глад во затворот, денеска изјкави дека неговиот клиент паднал и изгубил свест.

Адвокатот Бека Басилаја изјави дека бил во посета на Саакашвили во затворот кога тој колабирал и потоа на носилка бил однесен од собата за посети, но и дека неговата состојба е стабилна, пренесуваат американските медиуми.

Лекарската комисија формирана од Канцеларијата на јавниот правобранител денеска соопшти дека здравјето на Саакашвили се влошува и дека тој треба да биде префрлен од затворот во цивилна болница, каде што може да добие соодветен третман, бидејќи комисијата утврдила дека поранешниот претседател на Грузија боледува од бубрежни и невролошки заболувања.

Саакашвили ја напушти Грузија во 2013 година и замина во Украина, а подоцна беше осуден во отсуство за злоупотреба на службената положба и осуден на шест години затвор.

Тој беше уапсен на 1 октомври, откако претходниот ден се врати во Грузија непосредно пред локалните избори, со цел да ги поддржи опозициските сили.