Забрана за влез во затворени простории за невакцинираните; рок на траење на сертификатот за вакцинација за лицата над 60 години; интензивирање на контролите, се дел од дополнителните мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти во неговата телевизиска порака до граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, откри дека од претседателката на Европската Комисија ќе побара дигиталниот сертификат да биде валиден само по примена трета доза.
-За валидноста на сертификатите, во допис до претседателката на Европската Комисија ќе предложам дигиталната европска потврда да важи само доколку ја наведува третата доза по шест месеци. Со цел да избегнеме било каква пукнатина во ѕидот на имунитетот што е веќе изграден на нашиот континент, рече грчкиот премиер.
Во однос на мерките, соопшти дека од понеделник, сите невакцинирани полнолетни грѓани, освен во угостителските објекти, нема да имаат пристап ни до други затворени простори, како што се кината, театрите, музеите или фитнес центрите, каде што досега постоеше опцијата за влез со негативен тест.
За литургиите во црквите, невакцинираните ќе треба да приложат негативен тест, а промени од следниот месец ќе има и за вакцинираните со наполнети 60 години.
Сертификатот за вакцинација за влез во затворените простори за лицата над 60-годишна возраст ќе престане да важи седум месеци по издавањето и ќе биде потребна и трета доза.
Мицотакис објасни дека на граѓаните им се даваат седум месеци по ревакцинацијата, односно еден дополнителен месец по поминувањето на периодот од шест месеци за вакцинација со третата доза.
Дополнително, објснувајќи ги мерките рече дека се зајакнува и здравствениот систем, веќе се мобилизираат приватни лекари и се вработуваат нови здравствени работници на местата на невакцинираните кои што се на принуден одмор.
-Со овој план продолжуваме во следните два месеци. За оваа година да имаме подобар Божиќ од лани. А дотогаш, со континуираните контроли, многу тестирања и со мерки за лична заштита да се стабилизираат и да се намалат случаите. И вакцинација со прва и трета доза, особено за оние над 60 години, за намалување на хоспитализирањата и жртвите, рече Мицотакис во пораката до граѓаните.
Додаде дека „над седум милиони Грци ја одбраа вакцината, односно тројца од четворица возрасни“ се вакцинирани, но истакна дека сепак, 575.000 граѓани над 60 години се невакцинирани.