Советот за безбедност на ОН остро ги осуди јеменските бунтовници Хути за узурпирање на имотот на американската амбасада во главниот град на Јемен, Сана, и побара ослободување на нејзините претставници.
Во соопштението објавено синоќа, 15 членови на Советот за безбедност побараа веднаш и безбедно да се повлечат сите „елементи" на Хутите од просториите на американската амбасада и лицата кои се уште се притворени да бидат ослободени.
Виенските конвенции забрануваат каков било упад во дипломатски простории кои треба да се почитуваат и заштитат, се додава во соопштението.
Пред една недела, САД побараа ослободување на јеменските претставници од нивната амбасада во Сана. Повеќето од нив беа ослободени по инвазијата на Хутите.
Американската амбасада во Сана е затворена од 2015 година, кога САД го префрлија својот дипломатски персонал во Ријад поради граѓанската војна во Јемен.
Јемен е во граѓанска војна од 2014 година кога бунтовниците Хути поддржани од Иран го зазедоа главниот град Сана и поголемиот дел од северот на земјата, принудувајќи ја меѓународно признатата влада да побегне на југ, а подоцна и во Саудиска Арабија.