Австриската влада одлучи од понеделник, 22 ноември, сите граѓани, а не само невакцинираните, да бидат во карантин десет дена.
Исто така, донесена е одлука дека од 1 февруари следната година вакцинацијата против коронавирус е задолжителна за сите во таа земја.
Со оваа одлука, Австрија стана првата земја од ЕУ што воведе општа обврска за вакцинација против коронавирус.
Како што пренесуваат локалните медиуми, состојбата со коронавирусот во Австрија, и покрај строгата мерка за заклучување на невакцинираните, е на работ на катастрофа. Бројот на новозаразени постојано расте и ги руши сите рекорди, а иста е и ситуацијата со болниците кои се пред колапс.
Според планот, заклучувањето би можело да се продолжи најмногу за уште 10 дена.
По 20 дена затворање, невакцинираните и натаму ќе бидат во „локдаун“.
Училиштата нема да работат, ќе имаат само служба за згрижување деца чии родители не можат да се грижат за нив поради работа.
Австрискиот канцелар Александар Шаленберг на прес-конференција рече дека не било лесно да се усвојат овие мерки, но дека такви чекори морало да се преземат поради лошата епидемиолошка состојба.
– Отсекогаш сум велел дека заедничка цел е да се вакцинираат невакцинираните, но и покрај интензивната кампања, не успеавме да убедиме доволно луѓе. Мерките што ги донесовме, особено правилото 2Г и заклучувањето за невакцинираните, ја зголемија подготвеноста за вакцинација, но не доволно, рече Шаленберг.
Тој додаде дека долго време имало политички консензус да не се воведува задолжителна вакцинација, но дека мора да се согледа реалноста.
– Предолго претпоставувавме дека е можно да се убедат луѓето доброволно да се вакцинираат, заради нив и заштитата на нивните најблиски. Но, мора да ја признаеме реалноста, рече Шаленберг.
Тој посочи дека има премногу политички сили кои се борат против вакцинацијата, што, како што рече, е неодговорно и претставува атак врз здравствениот систем, а последиците се полни болници и огромни човечки страдања.
– Затоа се одлучивме за тешки мерки. Вакцинацијата ќе биде задолжителна низ целата земја од 1 февруари. Тоа е единствениот начин да се излезе од магичниот круг на инфекции. Не сакаме петти, шести бран… Вирусот останува, ќе мора да живееме со тоа, а единствениот начин е вакцинацијата, рече Шаленберг.
Тој додаде дека карантинот, кој стапува на сила во понеделник, ќе трае најмногу 20 дена за вакцинираните и излечените од коронавирусот, за кои ќе заврши на 13 декември.
Шаленберг најави дека ќе има и мерки за помош, „бидејќи ваквата одлука за никого не е лесна, но поради лошата епидемиолошка состојба, не само во Горна Австрија и Салцбург, мора да се преземат такви чекори“.