Словенија засега нема да воведе нови ограничувања поради ширењето на епидемијата на коронавирус, но тоа може да се случи наскоро доколку не се почитуваат сегашните мерки, беше соопштено на владината прес-конференција.

Според министерот за здравство Јанез Поклукар, владата не го прифатила предлогот на епидемиолозите за воведување учење на далечина, но ја прифатила нивната сугестија јавниот сектор и општата економија да работат што е можно повеќе од дом. Тие најавуваат и заострување на контролите на јавниот превоз и училиштата.

Тестирањето на учениците во училиштата деновиве покажа дека кај децата од 5 до 14 години има зголемување за 40 отсто и дека јавниот превоз е важен извор на зарази, поради што ќе се воведат многу строги контроли.

Доколку се утврди дека не се почитуваат правилата за носење маски и ковид-потврди во јавниот превоз, тогаш наскоро се можни нови ограничувања во таа сфера, објави Поклукар.

– Вакцинацијата е најбезбедна и најефикасна мерка во борбата против заразните болести, вакцинирајте се и помогнете му на здравството, рече словенечкиот министер за здравство.

ој додаде дека Владата донела одлука со која се дозволува обесштетување на оние кои претрпеле „штета и здравствени оштетувања” поради вакцинација или земање на лекот против Ковид-19 и дека одредбата ќе се применува ретроактивно.