Пред зградата на Министерството за здравство во Подгорица утрово се појавија 2.231 чифта чевли, кои покажуваат колку луѓе во Црна Гора починале од коронавирус.
Перформансот го организираа група граѓани кои во 14 часот се собраа пред зградата на Министерството поради, како што наведоа, катастрофалната епидемиолошка состојба, јави Анадолија.
Жртвите на коронавирусот не се само бројка. Страдањето од коронавирусот можеше да се спречи, беше посочено на денешниот перформанс. Со минута молчење им се оддаде почит на жртвите од коронавирусот во Црна Гора.
Активистот за човекови права Александар Зековиќ оцени дека министерката за здравство Јелена Боровиќ Бојовиќ одбива да се соочи со грешките што ги прави, пренесува Бета. – Оние кои управуваат со оваа земја во наше име, вклучително и борбата против заразните болести, премногу пати ги негираа и минимизираа опасностите и заканите од коронавирусот. Затоа тие се неспорно и директно одговорни за трагедијата што сите заедно ја доживуваме, оцени Зековиќ.
Група граѓани претходно најавија дека имаат намера да го изразат своето сеќавање и почит кон жртвите од коронавирусот во Црна Гора преку социјален и уметнички перформанс, како и да ги повикаат и да ги обврзат властите поодговорно да ги спроведуваат здравствените политики и заштитните мерки, за да се запре „негрижата кон човечките животи и здравјето на населението“.
„Значи, граѓани и граѓанки, доста е“, порачаа организаторите.
Директорката на Клиничкиот центар на Црна Гора Љиљана Радуловиќ во својата реакција оцени дека лекарите горат во болниците спасувајќи човечки животи, а некој осмислува перформанси и си игра со емоциите на граѓаните.
Во моментов во Црна Гора се хоспитализирани 373 лица, а 4013 се заразени со коронавирус.