Во Тетово вчера беше отворена традиционалната годишна изложба на членовите на фото клубот „Чкрап“. Во наредните неколку денови 20-тина фотографии од 11 автори ќе може да се погледнат во холот од новата управна зграда на Музејот на тетовски крај, поранешен Дом на Армијата. Годинешнава изложба е 18-та по ред.
–Традиционалната изложба на фотографии на Фото групата „Чкрап!“ од Тетово наполни полнолетност. Во меѓувреме се случија многу работи. Низ групата и на изложбите продефилираа меѓу 80 и 100 членови. Многумина се отселија во странство, што не беше пречка да продолжат да учествуваат на изложбите). Двајца наши колеги, Борче Сиљјаноски и Гоце Димитриевски, прерано не напуштија оставајќи значајна трага во живеењето на „Чкрап“, изјави Драги Неделчевски.
Секоја година почниувајќи од 2003 членовите на клубот имаат сопствен придонес преку фотографии да го пренесат живеењето во Тетово, но и низ државата.
-Нашиот клуб е навистина необична појава на фотографската сцена во Македонија. Уште од основањето на нашата група, последните денови од 2003 година, се договоривме дека основна цел ќе ни биде живеењето со и за фотографијата, како медиум намерно не велам уметност Секој од нас ќе има слобода на изразот во фотографијата, ќе разговараме во ретките моменти кога ќе бидеме заедно пред се, за фотографијата но и за сите нешта кои не’засегаат. Се договоривме секој од нас да дава придонес во фотографското живеење на Тетово и во Македонија кој колку може и на начин што самиот ќе го одбере. Се договоривме секоја година, почнувајќи од 2004 година, на нашите сограѓани да им подариме изложба на фотографии, најчесто на есен. Така и годинава. И така, веќе 18 години, посочи Неделчевски.