Светската здравствена организација (СЗО) е „многу загрижена“ поради ширењето на ковид-19 во Европа додека континентот се бори со нов бран инфекции, изјави денеска за Би-Би-Си шефот на канцеларијата на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Клуге предупреди дека до март може да се регистрираат околу 500 000 смртни случаи, доколку не се преземат итни мерки веднаш.

Тој рече дека обврската за носење маски може да помогне да се забави пандемијата.

Неколку европски земји неодамна забележаа рекордно високи стапки на инфекција, што доведе до делумно или целосно затворање.

Шефот на регионалната канцеларија на СЗО смета дека ваквата епидемиолошка состојба е поради студеното време, недоволно вакцинирани лица и доминацијата на позаразната Делта варијанта на вирусот.

Тој повика на зголемување на бројот на вакцинирани, спроведување на основните мерки за јавно здравје и нови начини на лекување за да се спречи ширењето на болеста.

– Ковид-19 повторно стана главна причина за смрт во нашиот регион, рече Клуге за Би-Би-Си, додавајќи дека „знаеме што треба да се направи“ за борба против болеста.

Клуге смета дека обврската за вакцинирање треба да биде „последна мерка“ на која се прибегнува, но дека би било вистинско време за „правна и социјална дебата” за ова прашање.

– Пред тоа има и други средства како што се ковид-сертификатите, рече тој, оценувајќи дека сертификатите не претставуваат „ограничување на слободата, туку се средство за зачувување на нашата индивидуална слобода“.

Австриската влада одлучи од понеделник, 22 ноември, сите граѓани, а не само невакцинираните, да бидат во карантин десет дена.

Исто така, донесена е одлука дека од 1 февруари следната година вакцинацијата против коронавирус е задолжителна за сите во таа земја.

Со оваа одлука, Австрија стана првата земја од ЕУ што воведе општа обврска за вакцинација против коронавирус.

Горниот дом на германскиот Парламент ги усвои измените на законот за борба против коронавирусот, што ќе им овозможи на сојузните држави да воведат дополнителни мерки во согласност со епидемиолошката ситуација, додека Институтот „Роберт Кох“ повика да се работи од дома и да не се излегува непотребно за да се спречат понатамошни ширења на инфекцијата.

Министерството за здравство на Велика Британија соопшти дека ќе ја додаде засилувачката доза на вакцината во ковид пропусниците за меѓународни патувања, но таа засега нема да биде потребна за домашните патувања.

Оваа недела, Велика Британија воведе можност за примање засилувачка доза за луѓе на возраст од 40 и повеќе години.

Француските здравствени власти, исто така, препорачаа трета доза вакцина против коронавирусот за луѓе на возраст од 40 и повеќе години.

И многу други европски земји воведуваат нови мерки, додека бројот на случаи расте. Земјите како Чешка и Словачка воведоа нови ограничувања за жителите кои не биле вакцинирани против ковид-19.