Европската народна партија неделава го избира својот кандидат за претседател на Европскиот парламент, а вчера свои кандидатури поднесоа тројца: Малтежанката Роберта Мецола, Холанѓанката Естер де Ланге и Австриецот Отмар Карас.

Европската народна партија (ЕПП) утре вечер ќе го избере својот кандидат за претседател на Европскиот парламент, а лидерот на парламентот ќе биде избран од сите пратеници на 17 јануари.

Составот на Европскиот парламент трае пет години, а неговите претседатели имаат мандат од две и пол години и се избираат на почетокот и на половина од работата на Европарламентот.

Мецола, актуелна потпретседателка на ЕП, Карас и Де Ланге се искусни и влијателни европратеници и имаат сериозни шанси да го наследат италијанскиот социјалист Давид Сасоли на функцијата претседател на Парламентот, но Сасоли се уште не ја отфрлил можноста повторно да се кандидира, пренесува Хина.

Претседател се избира со тајно гласање и може да има најмногу четири круга на гласање. Доколку по три круга гласање ниту еден кандидат не добие апсолутно мнозинство гласови, во четвртиот круг ќе учествуваат само двајцата пратеници кои добиле најголем број гласови во третиот круг. Во тој круг, претседателот се избира со просто мнозинство.

Номинациите на 42-годишната Малтежанка Мецола и 46-годишната Холанѓанка Де Ланге беа очекувани и објавени во медиумите. Една од околностите што може да им помогне во изборот е што досега само две жени биле на чело на таа институција на ЕУ, Французинките Симон Веил и Никол Фонтен.

На Мецола се гледа како на типичен европски политичар, за што сведочи нејзината политичка кариера силно поврзана со институциите на ЕУ. Како отежителна околност може да се покаже дека е од мала понова земја-членка која има само шест европратеници, што го ограничува нејзиното влијание во однос на конкурентите.

Де Ланге е пратеничка во Европскиот парламент од 2007 година и е потпретседателка на пратеничката група на ЕПП и одигра истакната улога во креирањето на „зелените” политики за Народната партија. Сепак, не и оди во прилог што како политичарка од една од „скржавите” земји на богатиот европски север, важи за еден од поборниците на политиката на штедење и кратење, што може да одбие некои нејзини колеги од јужните членки, притиснати од долгови.

Австриецот Карас од Австриската народна партија ретко се споменуваше како потенцијален кандидат за претседател на парламентот, но како и неговите ривали, тој долго време е присутен во европската политика и е член на Европскиот парламент од 1999 година.