До 3 декември е рокот за доставување на дела за Литературната награда 2022 што ја доделува Европската банка за обнова и развој во соработка со Британскиот совет.

Делата кои ќе конкурираат треба да се преведени на англиски јазик, објавени за прв пат во периодот од 15 ноември 2020 година до 14 ноември 2021 година, од европски издавач (вклучувајќи ја и Велика Британија), со валиден меѓународен стандарден број на книга (ISBN) и цена во валута на земја од Европската унија.

Првата награда е 20.000 евра, а втората награда 4.000 евра. Наградите подеднакво ќе ги поделат авторот и преведувачот.

Доставените дела мора да се состојат од книги на преведена литературна белетристика (вклучувајќи збир на кратки приказни од еден автор), преведени на англиски јазик и оригинално напишани на било кој јазик, во земја каде ЕБОР има свои активности.

Избрана е и жири комисијата која ќе ги оценува делата. Претседател на комисијата е Лихтих (Toby Lichtig ), а членови се Алекс Кларк (Alex Clark), Борис Дралјик (Boris Dralyuk), и Кетрин Марфи (Kathryn Murphy).

Деталите за пошироко селектираните автори ќе бидат објавени во март 2022 година, а тројцата финалисти во мај 2022 година. Финалистите ќе бидат поканети да учествуваат на церемонијата на доделување на наградите виртуелно или во дирекцијата на ЕБОР во Лондон. Сите ќе бидат поканети да учествуваат на настани поврзани со промоција на оваа награда во Велика Британија, по објавувањето на наградените.

Огласот за наградата беше објавен на 18 ноември годинава. Ова е петта година од воведувањето на ЕБОР Литературната награда. Наградата за првпат е воведена во 2017 година кога англиската публика имаше можност да се запознае со широк спектар на литературни дела од Албанија, Хрватска, Чешка, Грузија, Латвија, Либан, Литванија, Мароко, Полска, Русија, Турција и Узбекистан.