Израел денеска официјално почна да ги вакцинира децата на возраст од пет до 11 години против коронавирусот.
Земјата неодамна излезе од четвртиот бран на епидемијата на Ковид-19, а бројот на нови инфекции е релативно мал во изминатите неколку недели.
Податоците од локалното Министерство за здравство, пак, покажуваат дека меѓу новозаразените има многу деца и тинејџери.
Децата на возраст меѓу пет и 11 години сочинуваат речиси половина од активните случаи, а властите се надеваат дека новата кампања за имунизација ќе помогне да се намалат и можеби да се спречи нов бран.
Израелските медиуми јавуваат дека на првиот ден од вакцинацијата имало малку барања за примање детски дози.
Некои деца беа имунизирани вчера, бидејќи пред неколку дена пристигнаа милион дози од вакцината на Фајзер/Бионтек.
Се очекува подоцна денеска, израелскиот премиер Нафтали Бенет да го донесе својот деветгодишен син Давид да се вакцинира во обид да ги охрабри другите родители да го следат неговиот пример.
Во Израел, со над девет милиони жители, од почетокот на пандемијата се заразиле повеќе од 1,3 милиони луѓе, а повеќе од 8.100 починале.