Во Словенија се евидентира бавно намалување на бројот на случаите на коронавирус, каде во ек е четвртиот бран на епидемијата. Сепак, здравствените власти очекуваат поголемо смирување дури кон средината на декември, додека намалување на притисокот врз болниците не се очекува пред крајот на оваа или почетокот на следната година.
Во Словенија во последните 24 часа имало 3394 новозаразени и 23 починати пациенти со Ковид-19, со 46,2 отсто позитивни тестови, објави Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ).
Бројот на заразени е намален во однос на претходниот ден за 372 случаи, а е помал и во однос на состојбата пред седум дена, кога беа регистрирани 3763 зарази, со 49,2 отсто позитивни наоди.
Институтот Јожеф Штефан, кој за Владата изработува проекции на епидемијата, соопшти дека епидемијата полека се намалува, но дека е од клучно значење да се спроведат сите пропишани мерки за земјата да не се најде во ситуација да воведе заклучување, како во случајот на соседна Австрија.
Главниот епидемиолог Матеја Логар оценува дека поизразено смирување на ситуацијата во Словенија би можело да дојде околу 10 декември, но дека нормализацијата на состојбата во болниците ќе има дури на крајот на годината или почетокот на следната. Таа истакна дека поради тоа е внимателна во проценките за тоа колку сегашниот тренд на бавно забавување на епидемијата е реален.