Белгиските власти соопштија дека е фатен лекар кој издал 2.018 лажни сертификати за вакцинација, јави дописничката на МИА од Брисел.
Информацијата ја потврдија и Владата и Обвинителството.
Лекарот внесувал сертификати во системот за пациенти од разни делови на Белгија, но никогаш не отишол да ги подигне вакцините што ги регистрирал од центрите за вакцинација. Ова разбудило сомнеж кај властите.
По проверката, утврдено е дека станува збор за лажни сертификати за вакцинација.
Сертификатите се потребни за влез во речиси сите објекти во Белгија, угостителски, културни, спортски настани итн.
Докторот нема повеќе пристап до информатичкиот систем за вакцинација каде се внесуваат податоците на вакцинираните, но Владата се сомнева дека случајот не е изолиран и се најавуваат дополнителни контроли во наредниот период.
Суспендирани се и лажните сертификати. Лицата кои ги користеле овие лажни документи ќе добијат покана за вакцинација, најавија властите, но некои од нив би можеле да се соочат и со парични или затворски казни.
Лекарот ризикува меѓу пет и десет години затвор.