Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина и другите регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, јави дописникот на МИА од Белград.
Детали од посетата, освен фотографија поставена на инстаграм профилот на српскиот претседател немаше, но тој за утре најави обраќање до јавноста по повод разговорите за Косово и најавената посета на Русија.
Посетата на Лајчак на Белград, а потоа и на Приштина, доаѓа по дебатата на Советот на ЕУ за дијалогот, но и по уште една неуспешна рунда разговори меѓу Белград и Приштина во Брисел.
Како што пренесуваат медиумите, Лајчак треба да ги процени можностите за напредок во дијалогот и целната средба меѓу Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти до крајот на оваа година и ќе ја пренесе пораката за тоа што земјите-членки на ЕУ очекуваат од разговорите за нормализација.
Лајчак во понеделникот во Виена разговараше со Курти за актуелната ситуација и напредокот на дијалогот.
– Имавме детален разговор за состојбата и натамошните чекори во дијалогот, кој е со посредство на ЕУ, напиша Лајчак на својот Твитер профил.
Минатата недела министрите на ЕУ ги повикаа Белград и Приштина на „конструктивен ангажман“ и постигнување „позитивни резултати“, инсистирајќи на „спроведување на се уште неисполнетите обврски од дијалогот“.
По тој повод, министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел ги покани Вучиќ и Курти на „средба на високо политичко ниво пред крајот на годината“