Јапонија ќе насочин кон пазарот неколку стотици илјади килолитри нафта од националните резерви, но времето за планот за продажба се уште не е одредено, изјави министерот за индустрија Кочи Хагиуда.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида претходно најави дека неговата влада ќе пласира дел од нафтата од резервите, на барање на САД, на начин што нема да го прекрши јапонскиот закон, што дозволува продажба од резерви само доколку постои ризик од прекин со снабдување. Еден килолитар одговара на 6,29 барели нафта.

Јапонскиот деловен дневен весник Никеи претходно објави дека Јапонија на пазарот ќе пушти околу 4,2 милиони барели нафта. Вашингтон најави дека ќе ослободи 50 милиони барели од американските стратешки нафтени резерви во координирана акција со други земји, вклучувајќи ги Кина и Индија.

Минатата недела, американскиот претседател Џо Бајден повика неколку големи купувачи на нафта, вклучувајќи ги Индија, Јапонија, Кореја, Велика Британија и Кина, да стават дел од своите стратешки нафтени резерви на пазарот, со цел да се ограничи растот на цените, гасот и горивото, кои достигнаа рекордни нивоа за изминатите години.