Во издание на издавачката куќа „Восток“ од Битола, а во едицијата на „Восток поезија“ излезе од печат новата поетска збирка „Политики на стравот“ на Славица Гаџова Свидерска.

Песните во оваа книга поезија се вртат околу носечкиот мотив на стравот, кој станува своевидна поетска филозофема на авторката. Авторката посочува дека стравот во оваа збирка е и чувство и место и време, емоција, хронос и топос, индивидуален страв, колективен страв, страв од животот, страв од смртта. Поетиката е комбинација на лирското и интимното од една страна, и ангажираното и општественото од друга.

Славица Гаџова Свидерска е поет, преведувач, теоретичар на книжевноста, доктор на филолошки науки. Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“(2012), „Политики на љубовта“ (2015) и „Тела“(2016), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).

Добитничка e на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата, и „Караманов“ – Македонија и „Лирата на Орфеј“ – Бугарија. Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и албански јазик.