Насилните протести продолжија и денеска на Соломонските Острови, каде неколку илјади луѓе излегоа на улиците на главниот град Хонијаре, и покрај воведувањето на 36-часовен полициски час, изјавија очевидци.
Новите немири продолжија еден ден откако демонстрантите се обидоа да упаднат во Парламентот барајќи оставка од премиерот Манасех Согаваре, пренесува Бета. Полицискиот час е воведен по вчерашните инциденти.
Австралија испрати мировници на Соломонските Острови за да помогнат во запирање на насилните немири во главниот град, чија цел е соборување на владата, соопшти австралискиот премиер Скот Морисон. Тој рече дека целта на мировните сили е да обезбедат мир и стабилност и додаде дека добил повик за помош од премиерот Согаваре.
Локалните медиуми известуваат дека демонстрантите и денеска се на улиците, но дека дел од нив ограбуваат продавници, а полицијата користи солзавец за да ги растера.
Вчера, стотици луѓе демонстрираа барајќи оставка од премиерот, а потоа отидоа во Кинескиот кварт во главниот град и ја запалија тамошната полициска станица и ограбуваа продавници додека полицијата не интервенираше со солзавец.
По овие инциденти, премиерот нареди воведување полициски час во Хониара и рече дека немирите се тажен и несреќен настан чија цел е соборување на демократски избраната влада.