Потпретседателката на германските Зелени, Аналена Бербок ќе биде новата министерка за надворешни работи и прва жена на таа позиција, соопшти синоќа нејзината партија.

Бербок (40) ќе ја преземе функцијата на почетокот на декември, кога ќе стапи на должност новата германска влада, по постигнатиот договор за коалиција со социјалдемократите и либералите.

Зелените, исто така, соопштија дека нивниот втор потпретседател, Роберт Хабек, ќе раководи со „супер министерство” кое ги комбинира климата и економијата.

Аналена Бербок ќе го замени социјалдемократот Хајко Маас во Министерството за надворешни работи. Покрај што е првата жена, таа ќе биде и најмладата личност на таа позиција во германската историја.

За време на предизборната кампања таа вети дека ќе ја заживее германската дипломатија, особено со поостар тон кон Русија и Кина.

На Европската унија и треба „силна, отворена, но активна германска надворешна политика”, рече Бербок во мај.

Таа е противничка на гасоводот Северен тек 2, кој треба да овозможи транспорт на руски гас и оваа адвокатка, специјализирана за меѓународно право, вели дека различниот пристап кон авторитарните режими е „клучен за идната влада, нашата безбедност и нашите вредности”.