Шпанија, земјата во која речиси 80 отсто од населението е вакцинирано, во ноември регистрира се поголем број случаи на коронавирус, поради што сè повеќе провинции бараат ковид потврди кога луѓето влегуваат во затворени простори.
Североисточната автономна провинција Каталонија оваа мерка ја воведува од денеска, а потврда за вакцинација против Ковид-19 или негативен резултат од тест се бара и во Арагон, Галиција, Навара и Балеарските Острови – Ибица, Мајорка, Менорка и Форментера.
Ковид потврдите се нова алатка против коронавирусот во Шпанија каде досега мерките вклучуваа носење маски и држење растојание.
-Кај одреден број луѓе опадна вниманието бидејќи мислат дека вакцинацијата го решава проблемот, изјави претседателот на шпанското здружение за вакцинирање, Амос Гарсија, за јавната телевизија ТВЕ. „Јасно е дека ќе бидеме погодени од ширењето на вирусот во другите европски земји”, додаде тој.
Во Шпанија на 2 ноември имаше 49 нови случаи на 100.000 жители, а во четвртокот нивниот број се зголеми на 148.
Во моментов, пет од 17 автономни провинции почнаа да бараат ковид потврда, но во наредните денови нивниот број би можел да се зголеми бидејќи северната Баскија и јужниот дел на Валенсија чекаат судска одлука за наметнување на истата мерка. Во Андалузија, најнаселената провинција, судот треба да одлучува за барање сертификати за Ковид-19.
Во Шпанија, автономните покраини преземаат свои мерки, но судовите го имаат последниот збор.
Во Каталонија пред неколку недели беше потребен сертификат за Ковид за влез во ноќните клубови, а таа мерка од петок е проширена и во внатрешноста на рестораните и кафулињата, додека на терасите не се бара ништо. Потребна е потврда и на влезовите во спортски сали, пензионерски домови, саеми, театри, кина и трговски центри.
На Балеарските Острови потврдата се бара само при влез во пензионерски домови и дискотеки, а во Галиција во хостели кои се 100 отсто полни и во ноќни клубови.