Од почетокот на годината турската валута загуби 45 отсто од својата вредност, а околу половина од тие загуби се случија од почетокот на минатата недела.Турција е решена да продолжи со својата политика на намалување на каматните стапки, а „манипулативните напади“ на лирата, која оваа недела падна на историски минимум, нема да предизвикаат трајна штета, порача заменик-министерот за финансии Нуредин Небати на Твитер.
Лирата забележа рекорден пад во однос на доларот во вторникот, спуштајќи се на 13,45 лири за долар откако претседателот Реџеп Тајип Ердоган застана во одбрана на Централната банка, која ја намали референтната каматна стапка на 15 отсто и покрај тоа што инфлацијата достигна речиси 20 отсто.
Од почетокот на годината турската валута загуби дури 45 отсто од својата вредност, а околу половина од тие загуби се случија од почетокот на минатата недела. Во последните три дена благо закрепна, а утринава се тргуваше на ниво од 12,10 лири за долар.
„Треба да ја оценуваме турската економија од поширока перспектива, а не од потесна перспектива само врз основа на девизниот курс. Одржувањето на каматната стапка под инфлацијата не е проблем во сегашните пазарни услови“, напиша Небати во неколку објави на Твитер.