Пандемијата за речиси четворица од десет анкетирани е најголемиот проблем на земјата, а 66 отсто од испитаниците поддржуваат вакцинацијата да биде задолжителна за одредени категории, како што се вработените во угостителството, образованието, јавниот превоз, покажуваат резултатите од двете нови истражувања на јавното мислење во Грција спроведени од агенцијата „Metron Analysis” за телевизијата „Мега” и агенцијата „Pulse” за ТВ „Скај”, јави дописничката на МИА од Атина.
Во првото истражување за „Мега”, половина од анкетираните сметаат дека земјата оди во погрешна насока, но и дека пандемијата е поважен проблем од економијата и зголемувањето на цените.
Речиси осум од десет испитаници (79 отсто) веќе се вакцинирани, речиси исто толку (80 проценти) имаат позитивно мислење за вакцината, а 67 отсто сметаат дека вакцините се безбедни.
Според резултатите од истражувањето спроведено за телевизијата „Скај”, 56 проценти смета дека треба да се воведат дополнителни мерки за невакцинираните, додека пак од оние што не се вакцинирани и не планираат да се вакцинираат, а биле анкетирани, 48 отсто вели дека ништо не може да им го промени мислењето.
Од оние кои првата доза ја примиле во изминатите два месеци, 38 отсто рекле дека информирањето од лекарите било причина да се решат да се вакцинираат, а 28 отсто се одлучиле поради влошувањето на состојбата со пандемијата во земјата.
На политичката сцена, и на двете истражувања, Нова демократија е во предност пред опозициската СИРИЗА, а разликата е 11 односно 11,4 отсто.
Актуелниот претседател на Владата на Грција Кирјакос Мицотакис и понатаму е посоодветен за премиер во однос на лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.
Истражувањето на „Pulse” за ТВ „Скај” било спроведено од 20 до 25 ноември со учество 4.012 граѓани со право на глас, додека пак во анкетата на „Metron Analysis” за телевизијата „Мега” биле вклучени 1.503 Грци