Околу 600 Ирачани, заробени со недели во граничната област меѓу Белорусија и Полска, се очекува денеска да се вратат во своите домови, соопштија ирачката влада и претставници на курдскиот автономен регион.

Во моментов има илјадници мигранти во камповите во Белорусија и покрај ниските температури.

Околу 300 Ирачани, главно Курди, се вратија во своите домови пред една недела од Белорусија, со првиот лет за нивна репатријација.

Портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи Ахмед ал-Сахаф рече дека 617 луѓе ќе се вратат во Ирак доброволно со два лета од Минск. Двата авиони се очекува да слетаат во Ербил, главниот град на курдскиот регион.