Меѓународна изложба на копаничарски дела вечер ќе биде отворена во Музеј – галерија Кавадарци. Од Музејот информираат дека гостите, кои се дел од Здружението на копаничари на Македонија, со својата дарба, љубов и посветеност, меѓу другото, имаат цел за заживување, негување и развивање на македонската традиционална уметност.
– Ова здружение е основано во 1993 година со широка активност со организирање колонии и изложби каде се изработуваат и претставуваат со своите уметнички дела, со најразлични мотиви и во сите копаничарски техники на изработка, појаснија од Музејот.
Оттаму нагласија дека целта на Здружението на копаничари на Македонија е да се пополни празнината во едукација на копаничарскиот кадар со копаничарски колонии, овозмoжувајќи на тој начин размена на искуства и нивно пренесување од постари на помлади копаничари.
– Истовремено, со презентирање на делата преку изложби и афирмација на копаничарите, како од нашата држава, така и од други држави, колониите и изложбите добиваат меѓународен карактер, додадоа од кавадаречкиот музеј.
На отворањето на изложбата ќе настапи дуото „Грациозо“ со Христина Палиа и Невенка Дуковска.