Под слоганот „Black friday- Free covid life“, здравствената периферија од северниот дел на Грција заедно со општина Солун денеска организираат вакцинација на солунскиот плоштад „Аристотел“ со мобилни единици и без закажување термин, нешто што предизвика голем интерес кај граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите од Солун коментираат дека оваа година, поголема беше редицата за вакцинација, отколку пред продавниците со попустите за Black Friday.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА за помалку од еден час редицата надминала 300 лица, повеќето за да ја примат првата доза, но имало и за вакцинација со трета доза.

Граѓаните не е потребно да закажат термин, вакцинацијата се врши со вакцината на Фајзер, а мобилните единици на плоштадот ќе бидат до 19 часот.