Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија (ЕУ) ќе ги интензивира инвестициите во азиските земји повеќе од кога било досега и дека дополнително ќе се продлабочува соработката во борбата против кризите во областа на здравството, економијата и климата, јавува Анадолија.

Фон дер Лејен зборуваше на прес-конференција по 13-тиот состанок Азија-Европа (ASEM) одржан преку видео-конференција.

-ЕУ и Азија се посебни светови, но никогаш не сме биле толку блиски, рече Фон дер Лејен.

Таа нагласи дека ЕУ и Азија треба да соработуваат во борбата против коронавирусот, подобрувањето на економијата погодена од пандемијата и климатските промени.

-Успехот на Азија ќе биде успех на Европа и обратно, изјави Фон дер Лејен.

„Европа веќе испорача над 550 милиони дози вакцини во земјите од азиско-пацифичкиот регион. Ќе продолжиме да ги споделуваме вакцините со светот”, додаде шефицата на Европската комисија.