Редовниот конгрес на грчката владеjачка партија Нова демократија закажан за 3-5 декември, поради пандемијата ќе се одложи за првите три месеци од 2022 година, соопшти лидерот на партијата и премиер на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, говорејќи на партиски настан во Јанина рече дека иако можат да организираат конгрес со почитување на сите протоколи, сепак смета дека тоа би испратило погрешна порака и поправилно е, во конкретниот момент да се одложи редовниот конгрес.
-Немам никаков сомнеж дека би можеле да организираме конгрес што ќе биде за пример, придржувајќи се до сите безбедносни протоколи. Очигледно, сите што би дошле би биле вакцинирани и би можеле да ја додадеме можност да прават и рапид тестови, но во секој случај, верувам дека во сегашната ситуација тоа евентуално би испратило погрешна порака, рече Мицотакс додавајќи дека малото временско поместување е за да бидат „усогласени со општата клима што владее во општеството“.