Две лица загинаа во невремето кое вчера ја зафати Велика Британија. Бурата донесе силен ветар, дожд и снег.

Во бурата Арвен загина еден директор на училиште откако падна дрво врз неговиот автомобил. Во вториот смртен случај, маж од Ланкестер загина откаков врз него се урнало стебло.

Би-Би-Си јави дека во Шкотска над 100 илјади луѓе останале без електрична енергија. Налетите на ветрот достигнале брзина и до 158 км/час, а на автопатот М62 околу 120 камиони заглавиле во снегот.

Метеоролошката канцеларија вчера издаде црвено предупредување поради ветровите низ источниот брег на Шкотска и североисточниот дел на Англија. Во Велика Британија денеска беа издадени дополнителни предупредувања за ветер, снег и мраз.

„Налетите на ветрот погодија голем дел од Обединетото Кралство во текот на ноќта, оштетувајќи згради и уништувајќи дрвја“, соопшти Метеоролошката канцеларија.