Мисијата на надворешната политика на Бугарија е да создаде сосема нова слика за земјата. Ова за време на дискусијата на тема „Меѓународни односи“ го изјави Даниел Лорер, експерт за меѓународни односи од „Продолжуваме со промената“. Дискусијата е дел од серијата разговори за изготвување на коалициски договор за управување со земјата меѓу „Продолжуваме со промената“ (ПП), „Демократска Бугарија“ (ДБ), „Има таков народ“ (ИТН) и „БСП за Бугарија“ (БСП).

– Имиџ на земја која е слободна, демократска, без корупција, слика на земја која е пример како тоа може да се случи, објасни Лорер.

Копретседателот на коалицијата Кирил Петков објасни дека една од главните цели на ПП е да се искорени репутацијата за корупцијата во Бугарија. Според него, тоа ќе им помогне и на надворешните и на надворешно-економските односи. Тој објасни дека нивната цел е Бугарија да стане земја која успеала да го искорени овој проблем од толку огромни размери.

Како приоритет за ПП Петков ги таргетира Бугарите кои студираат на престижни странски универзитети и инсистира на програма за нивно враќање назад.

Даниел Лорер додаде дека Министерството за надворешни работи има сериозна улога во привлекувањето меѓународни инвеститори. ПП предлага создавање на доброволен дигитален регистар на Бугарите во странство. Лорер објасни дека со тоа ќе се знае не само нивната локација, туку и каде е нивното работно место, како и квалификациите што ги имаат. Идејата е да се привлечат странски инвеститори, појасни тој. – Кога некој странски инвеститор сака да дојде во нашата земја, а тој е од одредена област и земја, би бил крајно заинтригиран ако може да земе кадри од истата земја, се додека можеме да кажеме кои се и каде се, изјави експертот..

Лорер истакна дека е важно ПП да вклучи барем една европска агенција во Бугарија. „Претходните влади не покажаа волја да го сторат тоа. Европските агенции се факел на европските вредности и за нас е важно да покажеме дека Бугарија сака да биде домаќин на барем една таква европска агенција“, рече тој. Тој се залага за прием на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развој, која ја дефинираше како ексклузивен клуб на богатите земји во светот.

Лорер инсистира Бугарија да биде поактивна во меѓународните и регионалните институции. Тој како приоритет ја истакна работата за безвизно патување со САД. Друга мерка е сертификација и систематска проценка на квалитетот на конзуларните услуги. ПП нуди финансиска поддршка за бугарските културни организации, но по реформата на Агенцијата на Бугарите во странство (ДАБЧ). „За нас беше многу непријатно да видиме висок државен администратор од ДАБЧ на списокот на засегнати од санкциите Магнитски. „Искоренувањето на овие практики ќе биде апсолутен фокус и на ПП и на целата коалиција, која се надеваме дека ќе влезе во владата на земјата“, рече експертот.

Друга идеја на ПП е создавањето на таканаречениот фонд „Стамболов“, инспириран од оригиналните буџети на Стефан Стамболов, зачувани во архивата на Министерството за финансии. „Тоа се стипендии за Бугарите да ги завршат студиите на елитните универзитети, а потоа да се вратат и да работат во земјата најмалку пет години“, коментира експертот.

На тема Бугарија и Европа, Даниел Лорер рече дека е важно Бугарија да биде активна во евроатлантската област и во економски и во технолошки проекти. – Сакаме на Бугарија да се гледа како на лидер на Балканот, веќе покажуваме дека имаме технолошки можности за ова, ако додадеме институционална средина ослободена од корупција, веруваме дека нема да има кој да не спречи, истакна тој.

Во однос на сценариото „Европа со две брзини“, ПП го претставуваат влезот во Шенген и влезот во еврозоната како клучни приоритети. Според Лорер, потребна е информативна кампања за тоа што значи влезот во еврозоната за Бугарија. Тие бараат и ПП барем да ја удвои трговската размена со соседните балкански земји, како и да ги продлабочи трговските, културните и образовните врски со земјите од регионот.

Во однос на Република Северна Македонија, Лорер истакна дека е важно ПП да го задржи добронамерниот тон на преговорите и сите досегашни елементи од преговарачката позиција на Бугарија. Пред се, наша желба е за кратко време да започнеме со формирање билатерални комисии, коментира Лаурер. Меѓу приоритетите ги посочува изградбата на директна авиолинија Софија – Скопје, коридорот број осум, заеднички културен календар, заеднички научни трибини. Лорер ја нагласи и адаптацијата на учебниците во Северна Македонија, за да исчезне говорот на омраза од таму, што, според зборовите на експертот, е „неминовен услов“. Да ја поддржиме нивната интеграција во ЕУ со помош на нашата техничка експертиза, рече Даниел Лаурер.