Новогодишна елка висока 19 метри и илјадници разнобојни сијалички се поставени на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, а грчката престолнина, веќе е во предновогодишно руво, јави дописничката на МИА од Атина.

Над 60.000 разнобојни сијалички во вкупна должина од пет километри ја осветлуваат новогодишната елка, а украсен е и целиот простор околу плоштадот пред грчкиот Парламент со 350.000 сијалици во должина од 29,5 километри.

Општина Атина, освен строгиот центар, постепено, ќе ги украсува и останатите населби.

Елката, осветлувањето и украсувањето, оваа година се порано од вообичаеното,повеќе од еден месец пред Божиќ и Нова година, за што атинскиот градоначалникот Костас Бакојанис вели дека намерата е да се промени негативната клима од пандемијата.

-Оваа година избравме да ја украсиме Атина порано од кога било, во обид да ја оставиме зад нас негативната клима на пандемијата и побрзо да ја донесеме празничната атмосфера во градот. Истовремено, сакаме да придонесеме за стимулирање на атинскиот пазар, кој цело време ги трпи последиците од здравствената криза. Во фокусот на осветлувањето, како и секоја година, е плоштадот Синтагма, но божиќната атмосфера стигнува од едниот до другиот крај во сите населби и плоштади, вели Бакојанис.

Паралелно ги повика Атињаните да уживаат во празничната атмосфера со своите семејства, но и да ги почитуваат здравствените мерки.

– Услов за празнување е заштитата на здравјето и животот на сите нас, порача атинскиот градоначалник.

Оваа година, божиќните и новогодишните празници, Грците, по пауза од една година ќе ги поминат без никакви ограничувања, со оглед на тоа што лани, овој период земјата беше во строг карантин, со полициски час и задолжително испраќање смс пораки за секое излегување од дома.

Секако, одредени мерки и рестрикции постојат и сега, но се однесуваат само на невакцинираните за кои или е целосно забранет пристапот во одредени затворени објекти или задолжителен е негативен тест.

Во Грција во изминатиот период е зголемен бројот на новозаразени, а здравствениот систем е под зголемениот притисок, но сепак, грчката Влада категорично ја отфрла можноста за повторно воведување целосен карантин.