Лидерката на опозицијата во Хондурас, Сиомара Кастро вчера прогласи победа на претседателските избори, откако првичните резултати покажуваат убедлива победа.
Врз основа на преброени 45 отсто од гласовите, Кастро, сопруга на поранешниот претседател Мануел Зелаје, освои над 53 проценти, додека за Насриј Асфура, градоначалник на Тегусигалпа и член на Националната партија освои 34 отсто од гласовите.
– Ќе формираме влада на помирување, влада на мирот и правдата, изјави Кастро вчера пред приврзаниците и членовите на Слободна партија.
Критичарите ја опишаа Сиомара Кастро како радикална левичарка.
Изборите во Хондурас се одржаа во време на корупциските скандали и социјалните немири, поттикнати од колапсот на националната економија. Кастро за време на кампањата вети искоренување на корупцијата.
Сопругот на Кастро, Зелаја беше соборен пред 12 години откако претставници на бизнисот и воената елита се здружија против него. По неговиот пад почна 10-годишното владеење на десницата во Хондурас.