Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека багерот во Шабац „не поминал низ толпата“ и оцени дека се движел „два или три километри на час за случајно некого да не повреди“, јави допсиникот на МИА од Белград.
-Тој (возачот) буквално го возел багерот, мислам два-три километри на час, се движеше одеше полека, бавно, полека, изјави Брнабиќ за ТВ Хепи.
Прашана дали возачот на багерот е активист на Српската напредна странка (СНС), премиерката рече дека не знае кој е тој, како и дека не знае кои се другите кои со палки и чекани тргнаа кон демонстрантите.
-Ако тој човек треба да оди на работа и има што да работи, и тој ден не дојде на работа поради 20, 50 или 100 луѓе кои го блокирале тој пат, тој ќе ја загуби работата. Тогаш кој е виновен и кому да се жали?, изјави Брнабиќ.
Багерот кој тргна кон насобраните граѓани за време на сообраќајната блокада во Шабац го управувал, како што објавија медиумите, Небојша Стојиќевиќ Јарин, член на СНС од Шабац.
Драган Миловановиќ или Црни од Шабац, кој во саботата го запре багерот на протестите во тој град и го нападна Небојше Стојиќевиќ Јарин, е пуштен од притвор, да се брани од слобода. Тој се товари за кривично дело нанесување тешки телесни повреди за што му се заканува казна затвор до пет години.