Силниот ветер со јачина што достигнува до осум и девет Бофор предизвика проблеми во бродскиот сообраќај на атинските пристаништа, но и во други делови на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, утрово се откажани редовните линии кон Кикладските острови од две пристаништа во Атина, а синоќа бродовите што пловат кон Крит останаа закотвени на Пиреас.
Проблеми има и од Кавала кон островот Тасос, на линиите кон Крф, кон Закинтос, како и кон Кефалонија.
Поради силниот ветер и дождот, во грчкиот град Патра се излеа морето и предизвика материјална штета на околни продавници и домови.