Сојот омикрон на коронавирусот во Холандија е откриен на 19 и 23 ноември, денови пред пристигнување на туристите од Јужна Африка, соопштија денеска холандските здравствени власти.
Не е познато дали двете лица заразени со сојот Омикрон патувале во Јужна Африка.
Најмалку 14 лица позитивни на Омикрон пристигнале од Јоханесбург и од Кејптаун на аеродромот во Амстердам, Схипхол на 26 ноември. Околу 60 од вкупно 600 патници од летовите од Јужна Африка се позитивни на Ковид-19 и од 26 ноември се во карантин, објави холандскиот Национален институт за здравје (РИВМ).
Холандските власти се обидуваат да ги контактираат и да тестираат околу 5.000 патници кои пристигнале од Јужна Африка, Боцвана, Есватинија, Лесото, Мозамбик, Намибија и Зимбабве.
Во Холандија минатата недела стапија во сила поригорозни мерки против Ковид-19 со цел да се спречи ширењето на вирусот, кога во земјата се забележани рекордни околу 20.000 случаи дневно и да се намали притисокот врз болниците.