Најмалку 11 земји-членки на ЕУ досега регистрираа случаи на омикрон варијантата на коронавирусот соопшти денеска здравствената агенција на Унијата, пренесе ДПА.
Досега се пријавени вкупно 59 случаи, вклучувајќи 16 во Холандија, 14 во Португалија и девет во Германија, наведе Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
По четири случаи има пријавено и во Данска и Италија, по три во Австрија и Шведска, по два во Белгија и Шпанија и еден во Чешка, како и по еден на островот Реунион во Индискиот Океан, што е дел од Франција.
Експертите се загрижени дека омикрон се проширил многу подалеку отколку што е досега соопоштено.
-Патниците можеби ја ширеле варијантата со недели, изјави Оливер Кеплер, раководител на Институтот Макс фон Петенкофер, кој се фокусира на заразни болести на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен.
Засега не е јасно дали изброените случаи од ЕЦДЦ се темелени на ПЦР тестови или на генетско секвенционирање. Но, Кеплер истакна дека има низа други сомнителни случаи низ Европа, повеќето поврзани со патување во јужна Африка.
Засега, ниту еден од случаите не предизвика сериозна болест или смрт.